top of page
Search

Танц и здравје


Во време кога најголемиот дел од денот го поминувате седејќи, телесната активност е недоволно застапена во секојдневниот живот. Во работното и слободното време, луѓето сè поретко се движат, а се живее со забрзано темпо настојувајќи да се сработат повеќе работи за пократко време, правејќи го тоа претежно во седечка положба. Друштвените трендови сè повеќе ја намалуваат потребата од движење (автомобил, јавен превоз, работа на компјутер и сл.). Од ова може да се извлече заклучок дека луѓето ја занемаруваат физичката активност, а со тоа и здравјето, бидејќи човечкиот организам е создаден за движење.


Зошто танц?

„Вежбањето треба да биде инспиративно,  не само вртење на педали додека читате весник, односно да биде како разговор со вашето тело и дух, да биде лично и интимно, а не досадно, болно и повторувачки”, вели писателката Габриел Рот во книгата „Истанцувај ги своите молитви”.

Танцувањето е физичка активност, но танцот воедно е и ентузијазам, опуштање и разиграност. Тајната на магијата на танцот лежи во неговата мултидимензионалност. Преку танцот се движите и забавувате, што претставува одличен механизам за релаксирање. Танцот е најубавиот начин за балансирање на физичката и психичката благосостојба.

Танцувањето има позитивен ефект врз менталното здравје. Како елемент на танцувањето вклучена е глумата, спонтаноста и можноста за креативно изразување. Во другите облици на физичка активност она што недостасува е токму спонтаноста. Таа е еден од условите за ментално здравје, особено во денешно време кога луѓето се „бомбардирани” од бројни наметнати императиви и структуиран начин на живот, дури и кога физичката активност е во прашање.


Танц и здравје

Во суштина, општата физичка активност го зголемува нивото на серотонин. Меѓутоа, вежбањето, односно физичката активност причинува задоволство и забава како и многу други позитивни ефекти: расте самодовербата, се намалува напнатоста, се подобрува расположението, ја зголемува мотивацијата и го зголемува нивото на енергија. Танцот го зголемува лачењето на серотонин и го намалува нивото на кортизол (стрес хормони).

Од аспект на физичко здравје, танцот од рекреативен или спортски карактер може да ја зголеми и обнови мобилноста, да го намали ризикот од болести на респираторниот, кардиоваскуларниот и мускулно-скелетниот систем, да влијае врз намалување на крвните масти,  да го намали високиот крвен притисок и да има позитивен ефект на искористување на гликозата (шеќерот) во нашето тело. Преку биохемиски механизми, танцот влијае врз намалување на стресот и го зајакнува имунолошкиот систем. Покрај тоа, ја зголемува физичката сила, издржливост и флексибилноста на зглобовите и ʹрбетот. Како и секоја друга физичка активност може да има позитивен ефект во превенција на остеопороза.

Танцувањето е одличен избор за физичка активност, бидејќи помага да се надминат две критични точки со кои се соочуваат луѓето во секојдневниот живот, а тоа се мотивација и континуитет. Тоа првично асоцира на забава и лежерност, па така е полесно  да се совлада почетниот отпор кон физичката активност во секојдневниот живот. Карактеристиките на танцот, како што се мултидимензионалноста, уживање во музиката, изразувањето на емоции, помагаат да не се откажете од оваа физичка активност.

Покрај тоа, танцот е погоден и се препорачува за сите возрасни групи. Може да се практикува толку колку што вашето тело ви дозволува, а ви помага да се изразите, да се препуштите и да ја вклучите вашата имагинација.

134 views
bottom of page