top of page
Search

Никола Дамовски: Добар танчер е оној кој буди емоција кај публиката!




Ви го претствуваме Никола Дамовски- танчер и тренер во Dancers United!

 1.Поводот за ова интервју се твоите чекори во танцот кои во последниот период сè повеќе се забрзани. Ја чувствуваш разликата? Дали ова беше ѝ твојата цел, или едноставно коцките се надополнуваат секоја сезона, сè повеќе и повеќе?


Н.Д. - Секако дека ја чувствувам разликата и тоа многу, но мислам дека е тоа нормално гледајќи колку долго сум во танцовиот свет, половина од мојот живот сум дел од него. Како мал кога започнував не можам да кажам дека за ова сонував затоа што не ми беа избистрени целите, не размислував воопшто на тој начин, едноставно го сакав танцот, секој натпревар и секој настап, само уживав и со нетрпение го чекав следниот мој час. Ама кога ќе се присетам на некои мои желби во периодот пред да се запишам во средно училиште, тоа е она што го правам денес, да бидам тренер и кореограф, да творам и јас, секоја седмица да имам некој нов настап или ангажман и сето тоа да ми е работа, а да не ја чувствувам така. Но, може да се каже дека и некои коцки ми се имаат подредено во животов, да не бидам скромен.

 

 2.Кога сфати дека имаш страст кон танцот? И дали истата ја препознаваш кај твоите ученици?

 

Н.Д. - Хм.. да не звучи клише, од секогаш танцувам и сакав да танцувам… Страст како страст мислам дека на малку поголема возраст ја имам почувствувано, сметам дека треба малку да проживееш па да чувствуваш страст кон нешто. Но, дали сум сакал да го правам тоа што го правам? Апсолутно, уште од мојот прв час, ми се допадна сѐ! Музиката, огледалата, танцовите сали, ми се допадна како мојот тренер го водеше часот, како изгледаше, како се однесуваше, беше среќен со тоа што го прави. Прилично бев срамежлив како мал и мислев дека нема да го издржам истиот, но времето ми “летна”. Кога на крајот од часот моите тренери Сара и Нермин му кажаа на татко ми супер му оди и татко ми кажа - сакаш да пробаш, да уплатам? Да не звучи како во филм, ама животот ми се смени кога реков, САКАМ. А, а пропо прашањето дали се чувствува тоа кај учениците, да! Јас секогаш велам и сметам дека добар танчар е токму оној кој кога го гледаш како танцува, буди некаква емоција кај тебе, неповрзано која, важно е да допре до тебе.

 




3.Колку успеваш да ги пренесеш лекциите од твоите ментори на сегашната генерација, се менува ли танцот?

 

 Н.Д. - Пред сѐ, како и во секоја друга професија, времето оди напред така и танцот оди напред, посебно што ние сме уметници и се занимавме со креативна работа. Не се менува чекор, тој е тој, тоа му е името, пропишаната техника, итн. Но може, и се прават варијации кој секојдневно на танцовите подиуми може да се видат. Секогаш се трудам да сум свој на часовите кој ги држам, се трудам сѐ што сум слушнал и гледал сите овие години и сеуште го слушам да го пренесам на најдобар можен начин. Мислам дека како и секој родител што го употребува и имплементира она што му се допаѓало кај неговите родители и во спротивно тоа го менува, истото го правиме и ние. Да не заборавиме дека добар учител и ментор е оној кој ќе создаде дело кое ќе биде подобро од себе си.

 

 

 

 4.Кој е најважниот елемент кој секој танчер треба да го има?

Н.Д. - Според мене, да го сака тоа што го прави, затоа што кога-тогаш на овој или оној начин љубовта со која правиш нешто еден ден ќе биде препознаена, видена, почувствувана. Но, покрај тоа мислам дека е многу важно, посебно за оние кои се веќе поголеми и посериозно се дел од танцовиот свет, е тоа да го пронајдат и градат својот стил, затоа што никому не му се интересни копии, посебно не кога сме професионалци.

 

 

 5.Со оглед на големата ангажираност во клубот на Dancers United, може ли подетално да ни откриеш како се одвиваат групните, како индивидуалните тренинзи, која е предноста на едните, која на другите?

 

Н.Д.  - Можам со голема чест да се пофалам дека, да сум многу ангажиран во моето студио Dancers United. Работам со деца од 4 па до 15 години и навистина сум почестен. Во врска со тоа како се одвиваат групните, а како индивидуалните часови, како и во сѐ останато, така и во танцот има правила кои мора да се следат, не може да се оддржи било каков час без претходно загревање на почетокот на истиот и растегнување на крајот на истиот, без разлика на возраста. Предноста е што на групните часови, танчерите се стекнуваат со многу позитивни работи, учат како да работат во група, како да бидат дел од колектив, да помагаат, соработуваат, развиваат креативност преку активности, се социјализираат и една огромна листа на убави нешта кои можам да ги редам до утре. Од друга страна пак, на индивидуален час тренерот е тука за танчерот и може целата енергија да ја посвети кон него, може да се види што конкретно функционира и спротивно, да соработувате... Како и да е танцот е прекрасен и прекрасни се односите на еден тренер и ученик, посебно доколку сте во близок однос и сте израснале заедно и поминале многу. Тоа е посебна конекција, морам да признаам.

 




 6.Кој сè може да ги посетува твоите часови по танц, кој сè може да оди на натпреварите? Има ли поделба на талентирани, вредни, насочени танчери или не?

 

Н.Д.  - Секој кој ќе посака! Нема граници, само единствена и најважна е желбата да се биде вo таа сала и пред тие огледала. Талентот е забележлив, не може да се каже дека не се забележува дете кое е талентирано, или дете кое има слух. Но, тоа се само некои 20 проценти од успехот, така што единствено важно и пресудно е трудот и љубовта која ќе се вложи од страна на еден танчер. Во врска со делот кој може да оди на натпревар, во нашето студио може да оди секој оној кој ќе покаже труд и посветеност. Секако дека не може да се настапи некаде со еден посетен час, но со неколку месеци редовно танцување, доколку зборуваме за почетни групи, секој еден танчер може да се претстави на натпревар.

 

 

 7.Од твој аспект, кои придобивки ги чувствуваш од танцот и кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат танчерите денес?

 

Н.Д.  - Многу придобивки. Прво е одлична алатка за развојот на секое дете, секој еден млад, а и зрел човек. Социјализацијата, местата кои ги гледаш кога патуваш, работите кои ги учиш. Учиш како да воспоставиш контакти, како да имаш авторитет кон некого и како ти да се стекнеш со истиот и да бидеш авторитетен кон некого. Танцот нуди безброј убави нешта од кои има многу што да се научи и придобие. Како најголем предизвик би го издвоил фактот колку треба секој еден танчер да е посветен и колку средства е потребно да вложиш, како време, труд, љубов, а така и финансии, затоа што ова со кое ние се занимаваме повеќе милувам да кажам е уметност одколку спорт, но ова е една сериозно скапа уметност.

 

8.Иако Dancers United е клуб каде што се негува идејата дека сите се исти, сепак колку си ти во предност како личност од посилниот пол, не само како тренер туку и како танчер?

 

Н.Д. - Не можам да кажам дека ми е лошо со 10 дами, мои колешки во сала, или дека ми пречи што сум опкружен со девојки на потпетици во текот на секој еден ден. Дека сме исти не сме, самиот факт дека биолошки не сме исто градени ниту изгледаме исто го покажува тоа. Танцот сам по себе наметнува правила, се знае кои обврски ги има партнерот, а кој партнерката. Ние партнерите сме тие кој го носат бројот на нашата двојка, возрасната категорија во која ќе танцуваме се пресметува по годините на партнерот, јас сум тој кој е одговорен за тоа каде мојата партнерка ќе игра итн. Мојот Нермин што би рекол, ако нешто згрешите Никола ќе го искараме и тоа е тоа. Но, мислам да немало некоја машка фигура покрај мојата Сара од која би можел да видам како, еве пред сѐ, јас да играм и тоа да изгледа маженствено, па сѐ до како да се однесувам со моите колешки, ученички, родители, клиенти или било кој со кој соработувам јас како танчер, би ми било многу потешко. А во врска со тоа како се однесувам со моите ученици, ќе ја издвојам мојата јуниорска постава, моите први девојки со кои започнав како тренер официјално, кога се во моја одговорност на некое патување, се чувствувам како некој татко на премногу девојки кој се грижи за сѐ, хахахахах. Така што, сѐ на сѐ, не можам и нема да се пожалам за тоа како ми е мене.

 

 9.Размислувајќи за сите твои достигнувања во танцувањето, на што си најмногу горд?

 

 Н.Д. - Не знам зошто, но ретко се гордеам на своите успеси, мислам дека е тоа некои перфекционизам во мене кој всушност ме мотивира. Ама во мојава кариера има неколку награди кои можам да ги издвојам и да кажам дека сум горд на истите. Една од нив е кога во 2021 година во екот на пандемијата во Наполи, Италија со моите 5 колешки, станавме светски шампиони со нашата групна кореографија и тоа е патување кое нема никогаш да го заборавам. Покрај ова ќе издвојам уште еден пласман, минатогодишното светско и европско првенство за латино танци во танцовата федерација WADF кога покрај победата со нашата групна кореографија, јас со мојата танцова партнерка Анастасија, го освоивме третото место во светот во сите 5 латино танци. Но, покрај нив сакам да додадам дека она што ме мотивира и ме прави најмногу горд, е кога некоја важна личност за мене дали од танцовиот или неповразна со истиот, ќе ми додели комплимент дека тоа што сум го покажал или создал е добро. Е тоа е она што ме прави да си речам, Никола навистина си направил нешто добро!

 

 


 10.Танцот е уметност, култура, емоција, елементи кои не само што ги носиш во себе туку истите се трудиш да им ги пренесеш на помладите, колку ти успева? Колку преку танцот влијаеш на карактерот на танчерите?

 

Н.Д.  - Убаво беше кажано, танцот е уметност, култура и емоција, ние сме уметници! Се трудам да влијаам најпозитивно што можам и да им помогнам сите да ги почувствуваат убавините кои ги овозможува танцот. Ние се занимавме со убава работа. Се трудам да ги научам да уживаат, да ја чувствуваат музиката, движењата, публиката... Кога ќе излезат на тој подиум тоа да биде нивно засолниште, место на кое се чувствуваат добро и среќно!

 

 11.Дали имаш посебни техники за мотивација, самодоверба која е многу важна за секој спорт, кои се тие со кои ги мотивираш и им даваш елан, ветер во грб на своите танчери, посебно кога сте на натпревар?

 

Н.Д.  - Мислам дека секој има некој свој начин на покажување на истата. Секако дека имам. Некогаш кога си под пресија и трема пред да излезеш на подиум, недостасува само една прегратка или еден збор од твојот тренер за да се чувствуваш подобро. Мојот начин, а и општо во животот е да сум присутен, да ги гледам моите танчери, да бидам тука за нив, позади сцената, кога танцуваат, да се насмевнам пред и по играњето, да кажам некој убав збор. Секогаш е пријатно да се чуе. Но, не би рекол дека сум човек кој многу зборува и раскажува, мислам дека љубовта и почитта ја покажувам на други начини, со тоа што сум присутен во секој момент тука за нив. А во врска со самодовербата таа се гради низ процесот на тренирање и мора самиот танчер да работи на себе, покрај трудот од страна на тренерот и менторот.

 

 

 12.Кои се новите трендови, техники и стилови во танцовата индустрија, колку ги следиш и дали истите ги пренесуваш на твоите танчери?

 

Н.Д. - Во танцот секогаш има нешто ново, дали начинот на кој е изведен некој чекор или бојата на кристалите кој ги износила некоја од светските танчерки. Има новости секогаш, ама конкретно во мојата специјалност, односно латино-американските танци има некоја константа. Од аспект на тоа дали ги следам трендовите, да. Се трудам да го испратам секој поголем натпревар и доколку нешто ми се допадне се обидувам тоа и да го имплементирам кај моите ученици. Конкретно ќе го издвојам фактот дека мене ми е многу важна естетиката и визуелното кај еден танчер. Секогаш се трудам кога некој ќе излезе на подиум, да го погледнат сите и да биде тоа нешто ново и интересно.

 

 

 13.Кој е најголемиот предизвик кога се поставува една кореографија? Како знаеш дека ќе биде успешна? Колку ги следиш останатите светски клубови, танчери?

 

Н.Д.  - Најголемиот предизвик е да најдеш инспирација како да почнеш, да ја видиш визијата во твојата идеја, пред сѐ да ја најдеш идејата, па да почнеш да твориш. Сѐ е многу важно, музиката, чекорите, костимите, шминката... А за една кореографијата знам дека е успешна во моментот кога ќе биде изведена пред публика и ќе го добијам фидбекот од оние кои ја гледале, тогаш знам дека сум направил нешто добро или спротивно. Како што претходно кажав следам и тоа многу следам што се случува во светот. Се обидувам да следам сѐ. Мислам дека во нашава професија мораме да сме ажурни сo трендовите и со тоа што го прават светските лица, посебно во денешно време каде навистина сѐ ни е многу лесно достапно. Покрај танчерите, пратам музички ѕвезди и мода. Сѐ е тоа еден ист свет и секој дел од него е многу важен за нашата професија.

 


14. Кој те инспирира, мотивира да бидеш дел од танцовиот свет? Има ли награда која ја посакуваш да го краси клубот, твојот дом?

 

 Н.Д. - Ме инспирираат различни работи, секогаш е нешто различно. Дали е тоа како некој изгледал, како изиграл нешто, некоја нова кореографија што сум ја видел на сцената итн. Но, мислам и ќе издвојам дека најмногу ме инспирира музиката, мелодијата, нешто ново и интересно, невообичаено. Едноставно секој дел од танцот го сакам и сѐ ме инспирира да бидам дел од него. А, кога се работи за некоја награда која ја посакувам, не можам да кажам една за која мечтаам. Секоја е важна и секое признание ми значи. Имам големи желби и амбиции и би сакал еден ден да сум творец на кореографија или шоу програма на некоја светска ѕвезда. А доколку треба да издвојам награда, би кажал дека одсекогаш ми било желба да сум дел од шоуто ,,Танц со ѕвездите’’. Уште од многу мал, целиот концепт ми беше многу интересен и ако морам да издвојам, нека биде таа статуетка од тоа шоу, односно да заминам како победник од истото.

 

 

15. Каква сезона те очекува, како танчер, тренер и личност која е инволвирана во многу активности во Dancers United?

 

Н.Д.  - Многу исполнета, веќе пола од танц сезонава измина и морам да кажам дека беше исполнета со многу настапи, натпревари, манифестации и ТВ проекти од кои ние, односно јас бев дел. Во пресрет е танцовиот натпревар - DIAMOND, кој е во организација на моето студио и морам да признаам дека сум многу возбуден за истиот. Како од страна на тимот кој ќе стои зад него, така и да се претставам како јас, така и моите дела. Многу кратко по него следи светското првенство во Латино танци во Варшава, Полска, на кое по трет пат ќе се претставиме ние како Dancers United. Многу други натпревари надвор и во земјава како и настапи и ангажмани кои ќе бидат дел од оваа танцова сезона за мене. Но, морам да издвојам дека овие два настани се оние за кои сум највозбуден и ги очекувам со нетрпение! новинар: Надица Спасовска



302 views
bottom of page