top of page
Search

Сара Кочан: Во Dancers United сите сме различни, а сепак еднакви



Замислете островче среде градот, на кое може да се стапне само ако претходно ги фрлите разликите, предрасудите и стереотипите со кои ве натоварило општеството. Сега замислете дека на тоа островче сите се еднакви, се смеат и разговараат само со говорот на телата. И притоа совршено се разбираат. Островчето се вика Dancers United, големата замисла на…


Замислете островче среде градот, на кое може да се стапне само ако претходно ги фрлите разликите, предрасудите и стереотипите со кои ве натоварило општеството. Сега замислете дека на тоа островче сите се еднакви, се смеат и разговараат само со говорот на телата. И притоа совршено се разбираат.


Островчето се вика Dancers United, големата замисла на Сара и Нермин Кочан, местото во кое неуморно работат и тренерите Виолета Балшевска (Вики) која го води хип-хоп департманот и Антоанета Кимовска (Ани) која го води фитнес депaртманот. Групи по фитнес, (фит 90 – зумба и аеробик), балет, хип-хоп, латино за деца, и секако, танцовата група за лица со Даунов синдром, се дел од програмите со кои ова студио стимулира здрав животен стил, градење самодоверба и социјална инклузија. За нивните успеси сите сме слушнале, редовни прваци се на државните првенства и постигнуваат високи пласмани на светските натпревари во различни категории. Она што ја заслужува најголемата награда од сите награди е идеологијата што стои зад Dancers United.


Сето она што го проектираме во општеството има длабок корен во нашите микрокосмоси. Од каде потекнува идејата за Dancers United?

Со Dancers United започнавме јас и мојот сопруг Нермин, пред пет години. Dancers United e нашиот втор дом, во кој сакаме да ја пресликаме хармонијата што владее во нашиот прв, семеен дом. Имено, Нермин е Босанец, а јас сум дете од мешан брак меѓу татко Албанец и мајка Македонка. Искуството со општествените предрасуди сакаме да го искористиме и да го претвориме во движечка сила што ќе помогне да отпаднат етикетите врз основа на физичките, верските, националните или какви било други разлики. На почетокот, со Нермин се договаравме дека ќе имаме една целосно непрофитна група, со која ќе работиме чисто од љубов. Идејата беше секој од инструкторите да има обврска да работи нешто pro bono, за доброто на општеството. Во моментот додека го правевме разговоров во град, се сретнавме со моја пријателка и со нејзиниот брат што сега е едно од децата со кои работиме во групата танчари со попречен развој.  Таа случајна средба беше неслучаен знак дека не треба да размислуваме туку веднаш да почнеме со работа.


Како танцот може да помогне во топењето на социјалните предрасуди и раскрстувањето со етикетите и дискриминацијата?

Танцот е прекрасна работа. Тоа е многу отворен перформанс, особено танцот во двојки. Во тие три минути танцување се воспоставува посебна врска меѓу луѓето преку контактот тело со тело. Луѓето во светот на танцот се со поширок светоглед. Ние сме отворени за сите и имаме пријателски однос кон животните, негуваме почит кон возрасните лица, широкоградо ги прифаќаме и припадниците на ЛГБТ-заедницата. Лицата од загрозените групи преку танцот можат да се почувствуваат прифатено среде општеството што ги отфрла. Барем ние се стремиме кон тоа и така ги учиме нашите членови уште од мали нозе. Ако сме научиле едно дете на прифаќање, сме научиле цело семејство, ако сме научиле повеќе семејства, сме допреле до целото општество.



Како се одвиваше процесот на вклопување на групата танчари со попречен развој меѓу другите членови на Dancers United?

Морам да кажам дека прво имавме тешкотии бидејќи децата со типичен развој беа исплашени, но во суштина луѓето се плашат од она што не го познаваат. Вложивме огромни напори да ги измешаме, да ги интегрираме едни со други, ставајќи ги во исти термини за танцување. Секако, најпрво требаше да ги едуцираме родителите што доаѓаа со нив, па така потоа допревме и до децата. Добивме огромна доверба од родителите, со оглед на младоста и неискуството со кое впловивме во овие води. Тие ни веруваа, а ние одевме со глава во ѕид, упорно работејќи и верувајќи во она што им се чинеше невозможно. Нашето мото беше и сè yште е јасно, гласно и едноставно: Тука сите сме еднакви! Говорот на омраза е забранет! Нема привилегирани на која било основа, ниту дискриминирани на која било основа! Тука сите сме танчари, стопроцентно посветени на танцот, и никој не е поштеден од работа!




Какви промени се забележуваат кај нив по одредено време поминато во танцување?

Најпрво има физички промени. Стануваат поразвиени, поисправени, поиздржливи и кондициски поподготвени. Во нивниот ментален развој има огромен напредок. На првиот настан не можевме да издржиме ниту една минута од кореографијата. Играв напред со нив и настана хаос од трема и возбуда. Сега го немаме тој проблем бидејќи имаат високо ниво на концентрација и посветеност. Кога ќе излезат на сцената, целосно уживаат како вистински изведувачи. Тие почнаа да се соживуваат со улогата што им е дадена. Професионалци се и така ги третираме. Сега патуваат и добиваат хонорари за своите настапи. На светските натпревари, групите од нивната категорија кои доаѓаат од други држави се мешани – половина со типичен развој и половина со попреченост. Само нашите седум учесници излегуваат сами, никој не ги води. Јас како ментор и Вики како тренер им даваме огромни обврски, имаме очекувања и добиваме фидбек. Работиме во забавен, креативен хаос, тука сум им како мајка, се расправаме, се гушкаме, токму како во едно големо семејство. Кога ќе ме налутат, најголема казна им е да не танцуваат.




Имаше ли моменти кога мислевте дека нема да успеете, дека ќе потфрлите?

Да. Тоа беше во моментот кога моравме да ја поделиме групата што беше поголема на почетокот. Моравме да ги оставиме само оние што навистина го сакаат танцот. Сакавме да направиме група танчари во која ќе вложиме максимално, бидејќи не може секој да биде танчар. Ако го задржевме обемот на таа група, напредокот немаше да биде рамномерен на штета на поединците што навистина се трудат и го сакаат танцот. Јас тогаш бев погрешно разбрана, но издржав бидејќи нема да дозволам никој да ги сожалува моите танчари. Стојам зад нив и одбивам да пуштам танчар да игра по секоја цена. Понекогаш ми се лутат, но јас цврсто одбивам да бидат сожалувани. Сакам кога ќе излезат на сцената, сите да бидат горди на нивниот труд и работа.




Кој е најголемиот сон на Dancers United?

Сонувам да станеме голема институција во која нашите танчари ќе бидат тие што ќе го водат студиото. Се надевам дека еден ден, некое од лицата со попреченост ќе биде инструктор на групите со попреченост, а истото се однесува и на танчарите од другите групи. Сонувам да бидеме големо семејство, во кое сите ќе се прифатиме едни со други такви какви што сме. Горда сум што кога се натпреварува некоја од нашите групи, другите членови ги поддржуваат танчарите, скандирајќи: „Наши, наши!“. Тогаш знам дека сме успеале, сме ги сплотиле, танцот ги поврзал засекогаш. Знаете, животот е многу едноставен, потребно е само да се отвориме едни кон други. Сите ние сме различни, а сепак еднакви.



56 views
bottom of page